
Името на човекот е она по што другите го препознаваат и го паметат. Затоа никој не им дава на своите деца имиња немарно или по случајност. Истото е и кога човек самиот за себе одредува име. Секогаш постои грижата името не само да биде убаво, туку и да има добро значење. Тука веќе до израз доаѓаат внатрешните убедувања и принципи од кои се раководи оној што го дава името.
Така, христијаните уште од првите векови на христијанството почнуваат да го развиваат обичајот да даваат христијански имиња, односно имиња на некои христијански светители, или имиња поврзани со самиот Господ. За оваа традиција имаме сведоштво од светиот Јован Златоуст, од IV век.
Давањето на христијанско име подразбира дека оној што ќе го носи името, ќе го има како пример како треба да постапува – животот на светителот чие име го носи. Тоа значи да ги изучи житието на тој светител и пофалните песни од богослужбата која му е нему посветена и ќе се труди од нив да извлече поука и вдахновение за тоа како треба да се однесува и да постапува. На тој начин ќе ја задобие небесната заштита на светителот, неговата помош во животот, и неговото застапништво пред Бога.
Што е тоа именден?
Именден е ден кога се празнува светителот, или настанот од Домостројот Божји, со кого е поврзано нашето име. Оние кои го носат името Никола го прославуваат денот на светиот Николај Мирликиски (6 декември по стар стил, односно 19 декември по нов календар), оние кои го носат името Петар ќе го прославуваат споменот на светиот Апостол Петар (29 јуни односно 12 јули по нов календар), тој што го носи името Спасе ќе празнува на Спасовден (Вознесение Христово), Душка ќе го празнува Духовден (Слегувањето на Светиот Дух на Апостолите – Педесетница) и сл.
Постои добар обичај, кој порано бил повеќе застапен одошто е сега, да се дава име на детето според светителот кој се празнува на денот кога се родило детето, или, пак, на најблискиот поголем празник. Оние кои така го добиле своето име, празнувајќи го својот именден, го прославуваат и својот роденден.
Како се празнува именденот?
Сите овие празници се христијански и треба да се прославуваат на христијански начин – така што акцентот нема да биде ставен на храната, забавата и музиката, туку на духовната димензија на празникот. Главната прослава на празникот е служењето на Светата Литургија во црквите. Затоа е добро оној што го празнува својот именден, достојно да се подготви за празникот и да земе учество во Литургијата, и по можност – да се причести.
Дополнително, доколку именденот е име на светител, а не на настан од Домостројот Божји, добро е на тој ден во црква да се донесе коливо (варена пченица) врз која свештеникот на крајот на Литургијата ќе прочита посебна молитва за здравје и небесна заштита од светителот што се празнува, за оние кои го подготвиле коливото.
Содржината на текстот е превземена од www.denovi.mk